„Радко“ падна кај Централен регистар
Здружението на Бугари во Македонија „Радко“ не доби дозвола за регистрација од Централен регистар.
Поради тоа, пак, неколку политички партии од Бугарија најавија протести за наредните денови преку кои ќе бараат продолжување на визите за Македонците и блокада на земјата за влез во евроатлантските институции.
Бугарскиот националист Красимир Каракачанов, кој е најактивен во оваа кампања, преку тамошните медиуми ги повикува властите во неговата земја на тој начин да ги запрат репресиите што македонската држава ги прави врз бугарските граѓани.
Според образложението на Централниот регистар, барањето за регистрација на „Радко“ е одбиено поради тоа што статутот и програмата на здружението се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Македонија и разгорување национална и верска омраза и нетрпеливост.
Во образложението од Централен регистар стои дека во статутот на здружението се врши афирмација на идеите на македонското ослободително движење според идеологијата на Иван Михајлов-Радко.
За нив е спорен и делот во кој се зборува за ослободување од „македонизмот како србокомунистички сатанизам кој ги јаде душите на луѓето“ и ослободување „од обврската да бидат образувани со фалсификувана историја, и со еден јазик кој по уставот на државата се нарекува македонски јазик, а послужи како основно средство за дебугаризација на Вардарска Македонија“
Според претседателот на здружението „Радко“, Владимир Панков, здружението ќе поднесе жалба до комисијата за жалби затоа што за нив е неприфатливо објаснувањето од Централниот регистар на Македонија.
– Се бара влакно во јајце. Ни се замерува дека не го употребуваме службениот јазик само затоа што пишуваме Болгари, а не Бугари. Тука нема ништо некоректно. Ние самите си се нарекуваме Болгари и тоа е наше демократско право.
објаснува Панков.
Според него, не стојат ни обвинувањата дека ова здружение е за насилно уривање на уставниот поредок на Македонија затоа што членовите на „Радко“ го доживуваат комунизмот како сатанистичка идеологија, но тоа било само духовна категорија.
– Нема закана за уставниот поредок. Тоа е слобода на убедување. Ние ќе ја продолжиме нашата правна борба. Европскиот суд пресуди на 15 јануари во наша корист, а Македонија не го искористи правото на жалба. Со тоа, на 15 април оваа одлука влезе во сила и државата мора да ја почитува и да престане да ги нарушува нашите човекови права, право на убедување и здружување
објаснува Панков.